НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 12 - (Видео, докази) Заев: Тројца од врвот на власта се обвинители и судии

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 19.03.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Ова што се случувало во Македонија, ова брутално, дрско и недозволиво по ниеден основ самоволие, на Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков и на неколкумина нивни помагачи во врвот на власта, буквално го срозило функционирањето на државниот систем и еден од  неговите темели, правната држава.

 

Во зарѓаните запци на ланецот што треба да биде мотор на иднината на државата, се заглавени невини луѓе, судбини, “човечиња“ како што им изгледале жртвите на суровите владетели.

Со право домашната и меѓународната јавност гласно и загрижувачки почнаа да зборуваат за состојбата во земјава.

Со право Организацијата на Обединетите нации изрази вознемиреност за содржината на шокантните снимки и за уште пошокантните докази, што открија меѓу другото нарушувања на основните човекови права и на правниот поредок во Република Македонија.

Денеска ќе објавиме конкретни докази - во чии раце е правосудниот систем во Република Македонија.

Тројца луѓе местат обвинители и судии и потоа ги влечат како пиони на шаховска табла,  за сопствени потреби и цели.

Тоа се Никола Груевски, неговиот братучед, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска.

Секако, имале тие свои соработници кај коалицискиот партнер ДУИ. Каква иронија, тоа бил министерот за правда, Блерим Беџети и десната рака на Али Ахмети, вицепремиерот Муса Џафери.

Оваа тесна група на власт се пазарела, местела судии и обвинители по подобност, нарачувале судски пресуди за себе и за свои блиски, некои од нив готвеле дури и одмазднички планови за загорчувања живот на несервилните соработници.
 
Во првиот сет од три разговори ќе слушнете дека судски одлуки не се донесуваат, туку се нарачуваат.

1. Во првиот разговор, кога братучедот на Никола Груевски од Царина, Влатко Мијалков, бара ургенција во Апелацискиот суд во Скопје, судијката и сопруга на екс министерот за правда Михајло Маневски, Филимена Маневска го упатува кај претседателката на Апелација, Љупка Арсениевска. “Наша е“ вели Филимена, која потсетува колку предмети завршиле преку Арсениевска

2. Во вториот разговор, шефот на кабинет на Никола Груевски, Мартин Протогер бара ургенција за судска одлука за негов другар кај Гордана Јанкулоска која го теши дека требало “да падне Кривичната“, па му вели “пушти ми податоци да видам со обвинителот“

3. Во третиот разговор Јанкулоска пак бара ургенција кај Сашо Мијалков “МВР да го изгуби спорот на Врховен суд“, воден против некој, кој таа го нарекува “човече“, затоа што тој човек – “човече“, им вршел многу работа на терен, “Достоинство го отцепувал“.

Слушнете ги првите три снимки.


 

Во вториот сет разговори ќе слушнете како се местат обвинители и судии и кој ги мести:

4. Како Александра Зафировска, претседателката на Судскиот совет реферира кај секретарката на Груевски, бидејќи така се договориле “со премиерот на последниот состанок“ - да го извести, дека распишува оглас за судии и за претседатели на судови

5. Како Мијалков се преслушува кај Јанкулоска дали добро е информиран, за партискиот состанок што треба да го имаат, прашувајќи за кои места во судството треба да се договараат

6. Како Јанкулоска договара со Мијалков обвинители во Основното јавно обвинителство, затоа што тоа го побарал тогашниот министер за правда, Блерим Беџети

7. Класична потврда, не дека голем дел од судиите се во рацете на Груевски, Јанкулоска и Мијалков, туку како ги третираат судиите - е следниот разговор меѓу Мијалков и Јанкулоска. Тој разговор открива дека судиите се водени под бројче, во “тефтерчето“ на Јанкулоска, како што самата го нарекува, каде им става плусеви по заслуги

8. Како Јанкулоска потврдува дека селекцијата на стручните соработници што ги избира Судскиот совет е “од партија“.

Еве ги следните снимки.


Во следните 5 разговори ќе слушнете:

9. Како републички јавен обвинител, тогашниот обвинител, Љупчо Шврговски, интервенира, замислете, кај Гордана Јанкулоска - министерка, за избор на синот на претседателката на Апелација, за јавен обвинител. Тоа е таа претседателка кај која нели им поминуваат предмети. И, како Јанкулоска треба да моли за ова кај колегата од правда, Беџети

10. Во следните два разговора се случува реализацијата: Блерим Беџети бара партиска поддршка од Муса Џафери да го отстапат тоа место на ВМРО-ДПМНЕ

11. И се остварува погоре договореното меѓу Јанкулоска и Мијалков - обвинителски места за ДУИ. И Муса Џафери бара послушни партиски кадри

12. Ќе слушнете како Никола Тодоров бара од Јанкулоска да му помогне, судијка во Управниот суд, да стане, сопруга на негов близок - и добива разочарувачки одговор од Јанкулоска дека “веќе се договорени судиите за овој конкурс“, но и дека ќе ја има предвид за следниот оглас

13. А од последниот разговор на Ставрески и Јанкулоска, ќе ви се згрози од суровоста на Ставрески. За вработен во Министерството за финансии, кој, како што самиот Ставрески вели, бил добар работник и чесен, ама конкурирал без дозвола, за судија, бара помош од Јанкулоска “да му го загорчи животот“.

Еве ги тие снимки.

Последниот две снимки покажуваат дека братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков, е оставен да биде “капо ди тути капи“, главен, во судството.

14. Мијалков ја известува неговата пријателка Софија Лаличиќ дека ја сместил за судијка

15. Мијалков известува и вработена во неговиот кабинет, дека “средил работа“,
ќе ја бираат за судијка, треба да чести.

Еве слушнете.

Ова е реалната слика за контролираното судство во земјава.

Ова е жалната вистина за граѓаните на Република Македонија. За оние кои имале потреба од правда, или оние кои требало да делат правда, или оние кои се надевале дека некогаш ќе ја работат оваа професија – е сега ја знаат вистината.

Сега на сите им е јасно, зошто некои судии не можеле да делат правда - а сакале да бидат правични, зошто некои граѓани не можеле да бидат избрани за судии и обвинители – затоа што не биле во милост на поединци од власта, зошто некои граѓани не можеле да добијат правда - а биле правични. 

Правосудниот систем, што треба да биде достоинствен заштитник на вистината, мала група на власт, на чело со Груевски, успеала да го претвори во срамен насилник во рацете на неправдата. Го урнисале уставниот поредок на земјава без око да им трепне.

Е ова е монструозен систем.

Во устата на ова чудовиште сме сите ние, почитувани граѓани.

Да не дозволиме да `не изеде, да го спречиме еднаш засекогаш.

Вистината за Македонија, благодарение на чесните луѓе кои постојат во институциите на системот  извади на површина, во какви ненормални околности сме живееле сите ние, сите изминати 9 години.

Ги гледаме деновиве Груевски и другите до него како лажат и измислуваат изговори и оправданија, дека аудио снимките биле креирани, монтирани, лепени и прелепувани. Да не е жално, би било смешно да кажете дека не е точно тоа што го зборувате со сопствениот глас, на аудио снимките во сопствени телефонски разговори. Не ви поминуваат веќе вашите лаги. Готово е!

Почитувани граѓани,

Да не дозволиме никогаш повеќе ова да се повтори.

Продолжуваме...

 

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Бидејќи се шири бројот на личностите коишто се споменуваат со име и презиме во овие материјали, а тие луѓе се наоѓаат на тие функции и се во државниот врв, очигледно се донесени и според тоа што се случува се е криминал. Каков е ставот на Зоран Заев и на СДСМ околу нивна заштита? Бидејќи тие не се донесени да ја вршат професионално нивната работа, туку се донесени за да чистат некои други предмети.

Истовремено, една забелешка дека сега за сега, најглавните афери и најтешките случаи коишто се во минатите 15-20 години во Македонија, се уште не ги слушнавме. Дали тие можеби ги немате како материјали или пак се уште не сакате да ги пуштите?
Значи, каква е заштитата на овие луѓе што ги спомнувате со име и со презиме, а коишто можеме само да размислиме дали доброволно дошле таму? Новинарите изземете ги од одговорот бидејќи ние сме навикнат да нé толчат.

Заев: Значи, имаме директно инволвирани наредбодавачи во сите овие незаконски и криминални дејствија, некој пат се дури и поболни неетичките коишто се на штета на државата и на граѓаните. Заев не може да коментира дали некој ќе ги заштити или не. Заев е само политичар, лидер на опозицијата којшто во моментот е заштитник на Вистината за Македонија. Во нормална земја, кадешто имаме независен правосуден систем, секој треба да одговара за тоа што го направил. И никако поинаку не смее да се дозволи. Ако вака, на овој начин ја соопштуваме Вистината за Македонија од почеток до крај, сигурно дека ќе се залагаме до крај правичноста и правдата да дојде за секој криминал и незаконско дејствие коешто е направено.
Во делот на потпрашањето, ќе забележите и во претходните разговори и денеска, има многу луѓе коишто се административци и коишто се извршители по наредба. Кривичниот законик го дефинира целото ова. Денеска ја испраќам пораката за сите оние коишто биле соучесници, да продолжат да се појавуваат, како што веќе ги има во голем број. Во англиската методологија е познато како whistle-blowers, односно известувачи на криминалот. Законот наш ги заштитува таквите луѓе. И затоа, таквите луѓе треба да продолжат, водени од тоа што душата им носи. Дека татковината е пред сé и над сé, да го направат тоа. За пријавено и соопштено кривично дело, соучесништвото, Кривичниот законик е јасен. Овде ставам резерва, јас сум економист, но, ова што го знам е од правниот тим којшто ме советува.
Второто прашање кое што го поставивте. Рековме неколку пати, сé што имаме ќе обелодениме. Имаме предмети за најголем процент од она што било актуелно, што до ден денеска е дебата и дилема, а е важно за граѓаните и за нашата земја. Без разлика за каков процес или предмет се работело. Одиме соодветно, по наши испланирани планови од неколку причини, искрено, за да допре тоа до граѓаните. Почетокот беше да ги подготвиме граѓаните, на нога да го дочекаат сето тоа што следува. Рековме, соопштуваме жална вест за Македонија, можеби овој шок не мораше да се случи, но знаеме дека ќе биде во полза на добрата иднина на Македонија. Ќе биде едно отрезнување, една силна гаранција дека никогаш повеќе нема да се повтори, без разлика кој ќе биде донесувач на одлуките во нашата земја во иднина. Тоа граѓаните ќе го одлучат на избори. Но, секој ќе се помисли дали ќе прави вакви злосторства, вакви криминали, вакви незаконски дејствија и вакви неетички работи коишто ги слушаме преку овие снимки.

Медиуми: Господине Заев, значи јавниот обвинител рече дека ќе прифати странците да влегуваат во Обвинителството, односно да бидат набљудувачи на процесот, а не и директно инволвирани. Како ова го коментирате?
Второ, нели гледаме дека после секоја бомба, власта сé повеќе се мобилизира, не дава сигнали за оставки итн...

Заев: Не се грижете за ова. Ова е давеник за сламка којшто се фаќа. Сé во свое време. Повисоките вредности се императивот пред којшто треба да тежнееме. Вистината до крај да ја отвориме, до комплетен и целосен крај. А јавниот обвинител којшто вели, отворени сме за мониторинг. Прво, ако мисли на мониторинг каков што има во „Монструм„ за да дадат на крајот некој репорт, извештај, се излажал. Тоа така нема да се случи.
Второ, прво тој ќе си поднесе оставка, Јован Илиевски ќе си поднесе оставка, баџанакот на Сашо Мијалков, раководителот на организиран криминал. Прво ќе ги тргнат канџите од чесните луѓе во Обвинителството за да може да почнат, со помош на мониторинг, којшто ќе видите со време како ќе дојдат сугестиите, ќе биде на многу прецизен и внимателен начин дефиниран. Пред сé и над сé за вистинитоста и транспарентноста да ја знаат сите граѓани во Македонија, а истовремено, да се постигне правда. После долг период во Македонија - правда. Правична одлука да донесе и Обвинителство и ако има потреба да се оди до судство, па и судство. Така да, апсолутно. Ова е сериозен процес заради тоа што тука ќе биде стоп, крај. За граѓаните тоа е важно.

Медиуми: Кои се двајцата американски дипломати кои биле прислушувани?

Заев: Сакам да ја почитувам Виенската конвенција којашто е усвоена од Република Македонија и апсолутно само ќе повторам, амбасадорите за кои имаше материјали кај нас ги добија своите папки. Тоа се неколку амбасадори од неколку амбасади. Не би сакал да давам коментар. Не сум правник и не би сакал да бидам ист како ова зло, да зборувам се што треба и што не треба, заради тоа што мораме да си ги почитуваме Уставот, законите и сите резолуции и декларации коишто сме ги усвоиле. Затоа сум внимателен.

Медиуми: Господине Заев го споменавте случајот Монструм, веќе подолго време зборувате за тоа. Кога можеме ние конечно да очекуваме материјали за да се дознае вистината? И уште нешто, Тачи во Струга кажа дека се во преговори со Груевски за евентуалното влегување на ДПА во Владата. Кој е вашиот став во врска со ова?

Заев: Која Влада? Има ли легитимна Влада? Не би сакал да давам свои лични квалификации за поединци од политичката сцена, тие самите преку својот глас, во своите сопствени телефонски разговори зборуваат сами за себе, кои се и какви се. Апсолутно, јас најавив неколку пати на прес конференциите и во интервјуа, се што постои кај нас како било каков доказ, признание или било каков аудио запис или запис од смс пораки, ние ќе го обелодениме. Потенцирам, без разлика колку тоа на некои групи во општеството ќе им се допадне, зборувам за граѓански групи, политички групи. Без разлика, вистината ќе оди до крај. Некогаш нема да ги исполни очекувањата но е вистината и таа ќе биде обелоденета. Верувајте, не случајно секој пакет на објавување си има свој термин и момент кога тоа се прави. За слободата и демократијата се работи и враќање на европските вредности. Само трпение целата вистина ќе биде објавена.

Медиуми: Господине Заев дали имате докази за стопански криминал? Досега малку слушнавме, не малку туку воопшто не слушнавме за злоупотреба на власта и за стопански криминали. Имате ли такви докази и кога ќе ги презентирате?

Заев: Имаме голем проблем со оваа работа бидејќи има многу докази. Краделе се заборавиле. И тоа не е нешто ново, така? Сите знаеме што се случува со Скопје 2014. Сите знаеме што се случува со тендерите за патишта. Што се случува за одредени проекти кои се правени, по кои цени се правени, кои се просечните цени на изведба во регионот, во светот, кои се кај нас и слично. Секако финансиските криминали се директно кршење на закони во Република Македонија а дел и на Устав. Ќе биде обелоденето комплетно се што поседуваме кај нас.

четврток, 19 март 2015




СДСМ