НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 9 - (Видео) Жерновски: Паѓале договори за бришење докази и нудење поткуп

Прес конференција,
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар
Скопје, 12.03.2015 година


Почитувани,

„Човечињата за рака“ од Пустец, сите ние ги видовме, тие се најдоа и во Извештајот на ОБСЕ, ама последно и слушнавме, и тоа лично од Груевски и неговите соработници, колку важна улога имале овие донесени според нив “човечиња“ во општина Центар. 

Општина Центар, и на Груевски и на Мијалков и на целиот нивен тим, им била најсветото нешто што може и мора да  се добие, поради проектот Скопје 2014 тежок над половина милијарди евра,  и скривање на направениот криминал, којшто ние го констатиравме преку извештаите коишто ги дадовме, пративме до Јавниот обвинител и сакам да кажам и денеска, немаме никаков одговор од Јавното обвинителство.

Од денешната прес конференција тоа на сите ќе стане ни уште појасно. Што `се правеле и Груевски и Мијалков и неколкумина нивни соработници: во текот на првиот изборен круг, за да има други изборни кругови, па и дури откако Груевски со “човечињата“ ги загуби изборите во општина Центар.

Денеска ќе обелодениме нови докази за злоупотреби од страна на власта на Никола Груевски, ПА ДУРИ ДО ОБИДИ ЗА НУДЕЊЕ ПОТКУП НА СОВЕТНИЦИ, со цел да се блокира Советот на општината, откако стана јасно дека кандидатот на Груевски ги загуби изборите во општина Центар.

Во првите 2 разговора ќе слушнете:

1. Само еден од примерите за фантомски гласачи за кои ни Јанкулоска не знае повеќе каде да ги смести и како Гордана Јанкулоска измислува изговори да не го прифати разговорот што го побарав со неа, во врска со Избирачкиот список, токму поради вакви очигледни манипулации.

2. Ќе слушнете како министерот за транспорт, Миле Јанакиески, го ставил и движењето на лифтовите по зградите под своја контрола, па издавал налози да се гасат лифтови за старите луѓе да не можат да се спуштат “од 15 кат“.

Во следниот сет разговори ќе слушнете, како што и самите велат, што `се правеле Груевски и неговите соработници, откако со нарачани неважечки ливчиња ја оспорија мојата победа во првиот изборен круг и им требаа уште два круга за да сфатат дека во Центар - не поминуваат.

3. Ќе слушнете дека на Јанакиески и на Мијалков не им требале лифтови за да се спуштат до дното.  Јанакиески за луѓето од зградите кај Бристол вели, замислете, дека ќе ги “затворел“ оти тие направиле “голема разлика“

4. Ќе слушнете како Јанакиески договара со заменичката во правда да добие Избирачки список, за да виделе кој гласал, а кој не, со цел да им прават притисоци на луѓето

5. Како Јанакиески договара со Ирена Мишева како претседавач со Советот на Град Скопје, да им прави притисоци на наставниците, да носат и други со нив, кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ

6. Како Груевски жали колку “преспанците ќе завршеле работа“

7. Како Груевски и Мијалков нарачуваат неважечки ливчиња во Центар за да има втор круг.

Некои од овие разговори во пократка форма ги слушнавте кога го објавивме изборниот грабеж, но слушнете што се случувало.

Почитувани граѓани,

Последниот сет разговори ќе го открие она што сите го претпоставувавме, дека после трите изборни пеколни кругови за Груевски и соработниците и загубата на изборите, тие ќе се обидат да бришат докази од компјутерите во општината. Отишле дури и до нудење поткуп!

Еве го последниот сет од 4 разговори.

8. Ќе слушнете како Груевски, дури и откако ги изгуби изборите, нервозно прави притисок врз Тодоровиќ да не го признае поразот

9. Како Јанкулоска и лице од општинската администрација во Центар договараат бришење на, цитирам, “`се од хард дисковите на комјутерите“

10. Како најголемиот пропагандист на власта, Драган Павловиќ Латас му ветува на Сашо Мијалков дека ќе ме “стават во машина“ откако станав градоначалник, и `и двајцата зборуваат за форми за обезбедување мнозинство во Советот на општината, со што би ја блокирале работата и на градоначалникот и на општината воопшто

11. И на крајот ќе го слушнете тој неуспешен обид што го заговараат Миле Јанакиески и Сашо Мијалков: на советник од опозицијата да му ја легализираат куќата, па и да му плателе што треба за легализацијата “200 – 300 илјади“ како што велат, што е класичен обид за нудење поткуп!

Почитувани граѓани и претставници на медиумите,

После ова не знам дали требаат уште докази за да сфатиме со кого имаме работа.

Овој фалсификат не помина во Центар бидејќи граѓаните му се спротивставија одлучно и решително. Но за жал очигледно станува збор за еден модел што функционирал и во останатите делови на државата, модел што функционирал како на овие избори така и на други изборни циклуси.

Едно е сосема јасно, а тоа е дека повеќе Груевски нема легитимитет како и неговите соработници да ја водат оваа Влада и да ја водат оваа држава.

На крајот уште еднаш да повториме дека решението од кризата е оставка од Груевски, оставка од јавниот обвинител Зврлевски, од раководството на МРТВ и преодна Влада којашто ќе организира фер и демократски избори во Република Македонија.

 

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Жерновски, организираат обиди за манипулација во Центар. Претходно слушнавме исто и за Струга и за Куманово и за Ранковце. Значи, ќе слушнеме ли материјали со коишто би се покажало дека некаде опозицијата го изгубила градоначалничкото место на сметка на власта?

Жерновски:  Мислам дека се доволно јасни овие примери коишто ги покажуваме. Убаво ги кажувавте и другите градови и тој е концептот и за другите општини. Ние гледаме дека особени притисоци има таму кадешто опозицијата беше фаворит и кадешто имаше поголеми шанси за победа. Меѓутоа, немам ниту јас, ниту кој било дилеми за тоа дека ова се правело насекаде. Го споменавте примерот со другите општини и тоа ќе биде концептот. Денеска ја одржуваме оваа прес конференција во Општина Центар, меѓутоа, наредниот период ќе можете да слушнете вакви прес конференции и во останатите делови во републиката, за да може насекаде, буквално, да се дознае со какви луѓе имаме работа, со какви луѓе сме имале работа за време на изборите и со какви луѓе имаме работа и денеска, бидејќи тие исти политичари, за жал и ден денес ја водат Владата на Република Македонија.

Медиуми: Господине Жерновски, овде се зборува за поткуп на советник. Имате индиции кој е тој?

Жерновски: На крај, стана јасно за кого се работи, меѓутоа, советниците прв пат денеска ги слушаат овие снимки. Дозволете и ние меѓу себе да поразговараме... Очигледно, на крај, станува збор за Никола. Јас можам овде да му честитам. Никола е од партијата на Оровчанец, он е Ѓеоргиевски, од партијата Нова Алтернатива. Можам само да му честитам, знам и лично разговаравме низ што сé помина, но тој е еден од оние симболи на отпор и можам да му се заблагодарам навистина, од заедничко име, што излезе и што не потклекна.

Медиуми: Дали му беше навистина легализирано земјиштето?

Жерновски: Не знам. Треба да се провери. Очигледно се избраа различни модели на поткуп. Знам дека тука моите колеги, кои се тука позади мене, до мене, имаа исти притисоци, слушнавте дека ќе нé стават во машина, но, силата што ни ја дадоа граѓаните на изборите, едноставно, нé натера воопшто да не потклекнеме. Ние сето ова што го слушнавме го знаевме. Ние го гледавме тоа за време на изборите. Ние тоа го кажувавме. Тогаш, дел од граѓаните ни поверуваа, дел не ни поверуваа и не можеме да ги обвиниме, и навистина е тешко да се поверува дека ова може да се случува. Меѓутоа, најбитно е тоа што денеска сите веруваат и знаат што се случуваше. Не гледаме назад кога ги слушаме овие снимки, да, тие нé враќаат во моментите коишто поминаа, меѓутоа не гледаме назад. Гледаме напред, затоа што овие снимки, оваа решителност, што е најважно, што ја покажаа граѓаните, нé носи во едни времиња коишто наскоро ќе дојдат, кога ќе се организираат нови избори. Пораката е јасна. Со одлучна, со цврста битка нема никој, ниту една влада не може да ги победи граѓаните.

Медиуми: Дали имате докази за случајот Шиповиќ?

Жерновски: Засега јас немам никакви снимки на таа тема.

Медиуми: Се извинувам, сега кој ја платил легализацијата на советникот Никола Ѓеоргиевски на неговата куќа?

Жерновски: Очигледно, како што слушнавме на снимките,  тие се нудат да ја решат легализацијата и да ја платат.

Медиуми: Но, кој ја платил, ме интересира?

Жерновски: Не знам дали воопшто е платена и дали е извршена таква работа.

Медиуми: Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа преодна влада, нема оставка од обвинителот, нема оставка од раководството на МРТВ, како планирате таа цел да ја исполните?

Жерновски: Ние ги кажавме јасно нашите ставови. Ако тие не сакаат воопшто да разговараат на таа тема, ако сметаат дека игнорирањето на сето ова што се случува ќе им помогне, мислам дека е уште полошо за нив. Но, ние не се грижиме за нив, се грижиме за државата. И денеска имав некои разговори, повикав да се вклучи меѓународната заедница за да ги вразуми оние коишто сé уште не сакаат да сфатат дека после овие разговори, тие не можат да ја водат државата. И ние до крај ќе инсистираме на едно решение коешто не е во прилог на опозицијата туку е во прилог на државата. Ние мора да направиме конкретни чекори, да се врати сериозно разнишаната доверба којашто ја имаат денеска граѓантие во институциите во системот, ако сакате, воопшто во Република Македонија. Тоа нема да биде лесно. Според мене лично, никогаш состојбата не била полоша, меѓутоа, мора од некаде да почнеме. Тоа се нашите барања. Инсистираме на нив, не поради нас, туку поради доборото на државата.

Медиуми: Ако добро ве разбрав, на Никола Ѓоргиевски, од партијата на Оровчанец, му бил понуден откуп за земјата, но тој не го примил?

Жерновски: Па, како што гледате, тој е само еден од советниите кои беа изложени на притисоци.

Медиуми: Ова сте го знаеле пред снимкиве?

Жерновски: Јас имав разговори со него.

Медиуми: А, зошто не пријавил поткуп кај надлежните?

Жерновски: Тоа е негова работа. Сите знаеме лично низ што проаѓавме и какви беа притисоците. Не е лесно да се биде советник или началник, воопшто граѓанин, којшто се бори, којшто е под посебен третман и којшто е изложен на посебни притисоци. Пак велам, секоја чест, капа доле на сите оние кои издржаа.

Медиуми: Дали Шиповиќ се обрати во некој момент до вас да ви каже дека на него нешто му се нуди?

Жерновски: Разговаравме тогаш на таа тема, јас знам и он низ што поминуваше, но дозволете, таа тема да ја третираме посебно. Шиповиќ е само еден од оние на кои им се правеше притисок. Јас сакав, навивам за тоа да се дознае вистината за негово добро, затоа што знам дека и тој беше жртва во целиот процес.

Медиуми: Господине Жерновски, дали разбравте кој уствари сакал да ве сними, озвучен да дојде кај вас во кабинет?

Жерновски: Името на тоа момче излезе во јавноста, колегите од СДСМ го знаат него многу добро. Како што и кажа во самата снимка, тој е поранешен член, самиот се понуди да биде озвучен за да ме слушаат мене. До таква средба со него не дојде. Дали други доаѓале, кои сé биле озвучени јас не знам, меѓутоа, нека повелат и понатаму. Докажавме и досега дека довербата што ја добивме од граѓаните, не сакаме да ја изиграме и нема никогаш да ја изиграме. Трите изборни круга покажаа дека тогаш победивме во Центар. Сега проектот наш е тоа што го направивме во Центар, да го направиме и во цела држава.

четврток, 12 март 2015




СДСМ