НАЈНОВИ ВЕСТИ

E - Информатор


Прес конференции

Прес 7 - Заев: Почнуваме да ги разобличуваме изборните грабежи на Груевски

Прес конференција,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 06.03.2015

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите

Денес малку повеќе ќе се задржиме, но ќе видите зошто.

Зборувавме дека Никола Груевски ги краде изборите, дека со фалсификат изборни циклуси се одржува на власт, дека за таа цел противуставно и противзаконски ги користи сите државни институции, дека употребува неуставни и незаконски механизми за контрола на гласачкото тело.

 

Денеска почнуваме да ги разобличуваме изборните грабежи што го прави Никола Груевски со неколкумина негови соработници.

Од скандалозните јасни и конкретни докази ќе слушнете како, во вистинска смисла на зборот, оваа група на власт ГИ МЕСТИ И ГИ КРАДЕ изборите во Република Македонија.
Од денеска, почитувани граѓани, почнуваме со Презентација на злоупотребите на Груевски и тесната група на власт при изборните процеси и грабежите на изборни циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки!

Ќе обелодениме докази за `се што правеле: од криминалите со издавања фалсификат лични документи на лица инструирани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ; преку казни во илјадници евра на фирми, такси компании; најбезобразни притисоци врз земјоделците, администрацијата, наставниците, врз најранливата категорија граѓани – социјално загрозените. Како ги злоупотребувале пензионерите; како од позиција на власт масовно ги злоупотребувале институциите, што во текот на изборните процеси и за време на денот на избори работеле како изборни штабови на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе станете сведоци за нечовечките и недозволиви притисоци што одат до одвратни закани за завршувања на семејства ВО ЕНДЕК!

Почнуваме со неколку области што јасно укажуваат на овие злоупотреби и кражби на избори.

Во првиот сет од 5 разговори ќе слушнете за криминалот со лажни гласачи во којшто учествуваат лично Никола Груевски и Гордана Јанкулоска. Ќе слушнете:

1. Како Јанкулоска признава дека во станови од по 40 квадрати се сместени по 50 луѓе од Пустец НА КОИ МВР ИМ ИМА ИЗДАДЕНО ЛИЧНИ КАРТИ, што е договарано, како што вели самата Јанкулоска, КОГА БИЛЕ КАЈ ПРЕМИЕРОТ!
2. Ќе слушнете признание, од разговор со Јанакиески, дека во скопската општина Гази Баба, едни исти луѓе, донесени од Свети Николе, по 10 – 15 во стан, се водат на повеќе адреси во општината и гласаат по неколку пати
3. Ќе слушнете разговор меѓу Јанкулоска и службеничка во МВР која известува дека во село со мал број гласачи, ставиле по 42-ца, 44-ца луѓе во една куќа!
4. Ќе слушнете разговор меѓу Груевски и Јанакиески, во којшто Никола Груевски за загубата на ВМРО-ДПМНЕ во Центар ЛИЧНО констатира, цитирам: “Прв круг да ни беа преспанците, ќе завршевме работа“!
5. Ќе слушнете како Јанкулоска дури се потсмева со луѓето од Пустец кои ги донеле да гласаат во Скопје.
Еве ги првите 5 снимки.

Во вториот сет од 4 разговори ќе слушнете за огромните притисоци што ги правел Груевски со неговите соработници врз фирмите:

6. Како се инструирани превозници на патници и стока, со најдрско повикување на заеднички состанок
7. Како инспекциите на УЈП под директива на Горан Трајковски се ставени во функција на притисоци со изречени казни за дуќани од по неколку илјади евра и како се подготвуваат истото да го направат во Турското маало
8. Како лично Миле Јанакиески дава налог за одземање лиценца на такси компанија
9. За инспекциите што се испратени по налог во Струмица да притискаат и да се закануваат.
Еве ги следните 4 снимки.

Следуваат три разговори што откриваат класични злоупотреби на земјоделците:

10. Лично признание на Миле Јанакиески за негов упад во откупни пунктови
11. Интервенции и селективност при акцијата за затворања објекти кон луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ
12. Притисоци врз земјоделци кои примиле субвенции, со лични посети за да се добијат гаранции дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Еве ги 10, 11 и 12 снимка.


Во следните 6 разговори ќе ја слушнете дрската и нечовечка манипулација на Никола Груевски со граѓаните приматели на социјална помош:

13. Како по инструкции на Јанакиески предизборно се договараат списоци за социјална помош за добивање гласови
14. Списоци на граѓани Роми на кои им е потребна социјална помош
15. Како и министерката за внатрешни работи помага во целиот овој процес.
16. Како договара исплати
17. Како за овие цели влегуваат во игра и пакети брашно
18. Ќе слушнете како Јанкулоска бара внимателно разработена шема за добивање гласови на Ромите во Куманово и како, замислете, министерката за внатрешни работи заговара, користење на нивни биометриски документи за гаранција дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Еве ги следните 6 снимки.

Следните 4 разговори, почитувани граѓани, ги разобличуваат притисоците врз администрацијата и воспоставената контрола во институциите

19. Како Јанакиески наложува во Могила и Новаци директорите да ги стегнат вработените да гласаат
20. Како Јанакиески дава инструкции за притисоци врз наставници да донесат и други на гласање во вториот круг,
21. Какви притисоци трпеле вработените во општината Центар
22. За воспоставена целосна контрола над институциите во Град Скопје: ЈСП,Градски Паркинг, Водовод, Универзална сала, училишта.
Еве ги следните 4 снимки.

Еве нешто и за контролата врз медиумите. Ќе слушате повеќе за тоа во периодот што следува. Но еве денеска некои примери за време на изборен период.

23. Како сопственикот на Канал 5 телевизија му нуди на шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протогер, да укине емисија што треба да се емитува или да ја исклучи струјата во телевизијата
24. Како се реализира договорено интервју на Сител со Груевски до полноќ и се договараат содржини што треба да се емитуваат на МТВ
25. За сервилноста на Драган Павловиќ Латас и понудите што ги има од министри на Груевски.
Еве ги следните снимки.

Слушнете во продолжение за скандалозните упади на Никола Груевски и неговите соработници во ДИК!

26. Како се договара кражба на Избирачки список во Центар за да се види кој гласал,а кој не
27. Разговор помеѓу Груевски и Јанакиески во којшто ЛИЧНО ГРУЕВСКИ дава налог за да има втор круг ДА СЕ НАПРАВАТ ШТО ПОВЕЌЕ НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА!
28. Како Јанкулоска му дава инструкции на Јанакиески да се поништи гласањето на избирачки места во Куманово, како што направиле во Струмица.
Еве ги следните 3 снимки.

Последниот сет разговори обелоденува класична злоупотреба на институциите за партиски цели.
29. Налог на Ирена Мишева, од Бордот на директори во Т Мобиле, која беше ставена од ВМРО-ДПМНЕ за претседавач со Советот на Град Скопје, ЗАМИСЛЕТЕ, ДА ИСКЛУЧИ ТЕЛЕФОН НА СДСМ НА ДЕН НА ИЗБОРИ!
30. Како Гордана Јанкулоска, уште поскандалозно, признава дека спратот во МВР каде што таа министерува е претворен во, цитирам: “МЕСЕН КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ“, а амбасадорите се примале во друга сала, за да виделе дека “`СЕ Е ОК“!
31. Како Јанакиески бара од Спиро Ристовски да се завршела работа за “проблематични“ пензии
32. Како институциите како МВР се претворени во штабови
33. Како Јанкулоска мести Кривична пријава за СДСМ
34. Како Јанкулоска и Никола Тодоров договараат “со каков тон“ да оделе за изборите, дали имало или немало инциденти
35. Како Гордана Јанкулоска договара со Васил Пишев изборни резултати за Струмица, да не се потпишувале записници каде што било “тенко“ а во втор круг “за уши“ ќе ваделе
36. Како Јанкулоска лично вели дека Ромите ќе се изнесувале “за уши“
37. Како Јанкулоска договара со Јанакиески поништување гласови во Центар, бидејќи губат
38. Ќе слушнете и дрска, нечовечка закана по живот за претседателот на Фудбалска федерација и неговото семејство, кое можело да се најде, ВО ЕНДЕК, се поради партиска промоција и партиски интерес.

Слушате почитувани граѓани и претставници на медиумите со кого си имаме работа. Слушнавте и кои се дел од луѓето кои му помагаат на Груевски и се соучесници во овие незаконски и неуставни активности на ИЗБОРНИ ФАЛСИФИКАТИ, МЕСТЕЊА И КЛЧАСИЧНИ ИЗБОРНИ ГРАБЕЖИ.

За изборните криминали ќе слушате во неколку циклуси. Има уште пострашни и уште понезамисливи работи од овие на коишто сте сведоци денеска.

Веројатно сега се јасни ставовите на СДСМ за се што се случува во државата, а ќе станат уште појасни, ако воопшто веќе има минимум дилема за оваа власт предводена од криминална група на чело со Груевски и неговиот братучед Мијалков.
 
Ве поканувам во вторник да дојдете во Универзална сала во Скопје кога ќе бидат презентирани најзначајните, најдрските и најбезобразните примери на грабеж на изборните процеси од страна на Никола Груевски и неговите соработници.

 

 

Одговори на новинарски прашања


Медиуми: Господине Заев, како ги коментирате осудите упатени до вас од голем број на претставници од Европскиот парламент, вклучувајќи ги тука Ксукла, Мариони?

Заев: Јас би ги коментирал изјавите од Стејт департмент, од американскиот претставник од ОБСЕ. Би ја коментирал изјавата на пратеникот од партијата на Меркел, десноориентирана партија во Бундестагот, за состојбата во Македонија. Би ги коментирал изјавите на сите амбасади коишто се во оваа наша земја, а коишто се растеретени од партиски договарања за каков вид на изјави да дадат. Ако некому, којшто е под комплетна контрола на власта, сеуште не му е јасно ништо, на мнозинството наши граѓани им е јасно сé. А на меѓународните претставници, верувајте, им е уште повеќе јасно.

Медиуми: Господине Заев, ме интересира дали се доживувате како Едвард Сноуден и дали евентуално ќе барате азил некаде надвор од Македонија за ова што го правите? Дали ќе побарате азил после сé ова? Дали се доживувате како Сноуден?

Заев: Моето место е тука. Не само да бидам тука, да водам најхрабро, најрешително, повеќе од сите. Потенцирам, во овој период, сите овие изминати денови, не само СДСМ и опозицијата, туку и студентите, независните медиуми, интелектуалците, сите оние граѓани коишто го чувствуваат тоа, дека се работи за слободата и демократијата на нивната земја, покажаа на цел свет дека има демократски капацитет во оваа земја. Да реагира благовремено, онака како што мора и треба, за да се спаси државата, за да се вратат слободата, демократијата и европските вредности во нашата земја. Тоа треба да им е јасно на сите наши пријатели коишто во овој период ќе и помогнат на Македонија. Честа и достоинството на Македонија мора да се поддржи оти наша цел е да бидеме нивни партнери во НАТО и во Европската унија. Понижени и погазени нема да им вредиме. Покажавме, сите ние граѓаните, дека си ја сакаме земјата и дека оваа наша земја може да биде партнер со сите европски земји, рамо до рамо.

Медиуми: Господине Заев, дали имате снимки кадешто албанските партии прават притисок врз граѓаните и администрацијата?

Заев: Еве денеска видовте како тие дале наредба автобусите да одат на технички преглед, партијата на власт. Секако, сé што постојат снимки за било какви незаконски или кривични дела, ќе бидат обелоденети, без разлика за кој се работи. Без разлика, дали е македонска или албанска партија.

Медиуми: Господине Заев, дали имате снимки кои покажуваат, кога е прекинат пописот на населението, снимки во врска со тој целиот процес, зошто прекина инт.?

Заев: Секако, постојат снимки од кои причини е прекинат пописот. Внимателно ќе го следите целиот овој процес којшто го водиме, ќе слушнете и за таа работа.

Медиуми: Господине Заев, рековте веќе никој да не се осмели да го прави ова истото, да седне и да прислушува. Но, како може да се постигне таа гаранција? Вие ли можете да ја дадете таа гаранција? Боедно, каква гаранција има околу материјалите, откако сето тоа ќе заврши?

Заев: Јас можам само да го повторам тоа што досега го кажав. Тоа што зависи од мене, на внимателен начин се пласира во јавноста и на внимателен начин безбедно се заштитува. Проблемот е што најверојатно, многу повеќе од посед на тоа што имаат опозицијата, имаат Сашо Мијалков и Никола Груевски. Затоа, не можам, ниту е чесно, да кажам дека до крај ќе понудам гаранции да материјалот биде заштитен. Но, гледате внимателно како тоа го правиме во целиот овој процес.
Знаете, има и чувствителни снимки коишто влегуваат во личната природа, а истовремено, во овие исти снимки и телефонски разговори, има незаконски и криминални дејствија. За да не бидеме обвинети дека нешто монтираме, сечеме или, не знам, додаваме, тие снимки не ги објавуваме затоа што е цела полумента од криминални докази на оваа власт, па има што да се соопшти во јавноста за да знаат. Така да, ќе морате Сашо Мијалков и Никола Груевски, коишто тоа го правеле во целиот овој период, да ги кажат и гаранциите за оваа работа.

Медиуми: Господине Заев, седми пат објавувате компромитирачки материјали, а од друга страна, агендата на премиерот на појавување во јавноста е сé поинтензивна и поинтензивна. Секој ден промовира некои нови проекти и вработувања. Еве денеска гледаме и неговите министри се низ Македонија и едноставно, сакаат на јавноста да и покажат дека сé е нормално и ништо не се случува. Сметате ли дека доброволно ќе отстапат од власта или Македонија се движи кон некое друго сценарио?

Заев: Не е ова ништо ново од Никола Груевски и неговите соработници. Впрочем, се обидуваат целиот овој период да и пласираат на Македонија, на нашите сограѓани извитоперена реалност. И тоа го прават. Ако додадете дека се работи за нивната сопствена кожа, тогаш, што би направиле луѓето? Можат, секако, да направат нешто. Можат барем последниот чекор да го направат во прилог на Македонија. Ако сиве овие години правеле спротивно на интересите на Македонија, можат да го направат тоа. Јас не знам, ниту некој може да каже до крај, што ќе биде процесот којшто ќе се случува во државата.
Но, морам и можам да кажам дека јас сум должен вистината да ја објавам од почеток до крај. И со сето она што опозицијата, заедно со овие луѓе позади мене, со сите партии, да го контролираме целиот овој процес, за да биде позитивен процес за Македонија, а да не тргне во негативен процес. Имаме сила, имаме храброст, имаме можност тоа да го спречиме, ако некој се обиде тоа да го направи. Секако вистината ќе излезе до крај, којашто на крајот, ќе направи неколку потврди за во иднина. Никој да не се осуди повеќе тоа да го направи. Второ, ќе ги ослободи сите овие заробени процеси во државата. И би требало да биде ветер во грб за нашата Македонија. Да чекори со малку посилно едро и посилен ветер. Да може да донесе подобра иднина на сите граѓани. Таа е нашата надеж. И затоа реков, ако се обиде некој да замисли да прави било какви тензии во државата, прво, тоа ниту ќе му успее, ниту тоа ние, ама и вие, сите заедно, нема да му го дозволиме.

Медиуми: Господине Заев, во контекст и на претходното прашање. Со оглед на тоа, како што рековте во одговорот, како сето ова би завршило, неколкупати новинарите прашуваа каква завршница очекувате, правна или политичка, тука веќе се ни е јасно. Ве прашувам повторно каква завршница очекувате? Како можност два одговора. Очекувате дека народот ќе ја земе судбината во свои раце и ќе нападне во таа гипсана влада? Или очекувате дека меѓународната заедница ќе интервенира па така ќе се реши ситуацијата?

Заев: Секако нормално е однапред да се димензионираат идните потези и идните можности, и иднината, генерално. Секој сака да зборува за ова, ве молам само со трпение да го следите целиот овој процес. Голем дел од одговорите ќе се случат во следните чекори кои следуваат. Најголем дел од тоа што директно ме прашавте, повелете во Универзална сала, како претставник на медиум, ќе слушнете дел од разговорот. Односно ќе слушнете дел од она што беше поставено како прашање а да биде ваш одговор.

Медиуми: Господине Заев, Могерини пред некој ден упати порака дека веќе не е прашање дали Македонија е стабилна. Еврокомесарот за проширување Хан вели дека европскиот парламент размислува за помош во Македонија. Стево Пендаровски вчера рече дека власта нема капацитет да се справи со политичката криза и дека потребна е интервенција од надвор. Има ли конкретно нешто, дали вие би прифатиле таков предлог? Со оглед на фактот и премиерот Груевски вчера изјави дека не било прашање колку  евро пратеници ќе дојдат бидејќи тие имаат аргументи и факт.?

Заев: За нас е прифатливо се што е во интерес на оваа наша земја, каде можеме да дадеме придонес и прилог за позитивна разрешница на оваа работа. Но притоа ова зло да замине. Прифатливо е се. Нашите суети и нашите чувства ги оставивме дома кога тргнавме заедно да ја носиме и враќаме слободата и демократијата во нашата земја. Подготвени сме на се ако има било какви најави. Секако  како и до сега на транспарентен начин ќе бидат обелоденети, односно објавени, за да можат и вие новинарите и граѓаните да бидат запознаени.

Медиуми: Господине Заев велите дека опозицијата со години е прислушувана а досега слушнавме само еден разговор во првата бомба. Дали следуваат разговори од опозицијата во следните бомби?

Заев: Јас реков, луѓе што биле мета целиот овој период жално е да ги пуштите и повторно некој со нив да се сити. Затоа објавуваме само незаконски, криминални или неетички дејствија против државата, на поединци. Ако има таков од опозицијата исто така ќе го објавиме. Вчера, нашата заменик претседателка, генералниот секретар претседателскиот кандидат Пендаровски, Тито Петковски како претседател на НСДП, и до скоро претседателот на ЛДП, Жерновски, доставија обемни папки до Јавното обвинителство како доказ во прилог од своите разговори коишто се случувале. Јас само реков огромно мнозинство од процентот што го имаме во наши раце и опозицијата.

Медиуми: Постојано велите дека судскиот систем е корумпиран. Дали пресудите во случајот Монструм биле оправдани?

Заев: Кога ќе соопштиме детали околу овој предмет сами ќе заклучите што се случувало во самиот предмет. Онолку колку што поседуваме докази.

Медиуми:: Господине Заев дали сте под притисок и дали примате закани?

Заев: Не. Апсолутно ниту јас ниту некој од моите соработници досега има некој притисок, некои закани или слично.

Медиуми: Ве повикаа да им купите автомобили. Како го коментирате тоа?
 
Заев: Знаат многу добро граѓаните кој е Заев. Јас водам и општина и како сум помагал секогаш на секому кога му било потребна помош. И тоа ќе продолжам да го правам во иднина. Кој и да се обрати до мене, ако му треба помош ако е во моја моќ би го направил тоа веднаш секогаш и за секого.

 

петок, 06 март 2015




СДСМ